Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија Нина Ангеловска и директорот на Агенција за заштита на личните податоци Имер Алиу денеска потпишаа меморандум за соработка со цел зајакнување на меѓусебната соработката во обезбедување на информации, едукација и поддршка на членовите на Aсоцијацијата во усогласување на нивното работење со законските регулативи, информираат од АЕТМ.
Оттаму појаснуваат дека со потпишување на меморандумот двете страни ќе се заложат заеднички да реализираат активности кои ќе придонесат за подигнување на јавната свест за правото на заштита на личните податоци на членовите на асоцијацијата – компаниите.
– Усогласувањето на комппаниите од областа на е-трговија со новиот Закон за заштита на лични податоци кој е усогласен со Европската регулатива (GDPR) претставува своевиден предизвик за компаниите. Асоцијацијата за е-трговија има потпишано бројни меморандуми за соработка со засегнати институции во насока на унапредување на е-трговијата. Потпишувањето на овој меморандум за соработка со Агенцијата за заштита на лични податоци произлезе од потребата на членките и предизвиците со кои се соочуваат во процесот на усогласување со законсите прописи, начелата и правилниците, истакна Ангеловска.
Таа потенцира дека заедно со Агенцијата за заштита на лични податоци ќе работат на различни активности во насока на едукација и помош на компаниите во процесот, од една страна, а од друга страна на кревање на јавната свест за правото за заштита на лични податоци.
Директорот на АЗЛП Имер Алиу нагласи дека зголемувањето на концентрацијата и сложеноста на дигиталниот пазар ја намали можноста на луѓето како субјекти на личните податоци, да го контролираат нивниот дигитален живот, вклучително и што се случува со нивните лични податоците.
-За таа цел АЗЛП со задоволство ја прифати соработката со Асоцијацијата за е-трговија на Македонија преку заемни иницијативи и активности да им помогне на компаниите да го усогласат работењето со Законот за заштита на личните податоци, а со тоа да ја зголемат транспарентноста и вербата кај граѓаните. Заедничка цел и стремеж на двете страни е да се усогласи секторското законодавство во Република Македонија со прописите за заштита на личните податоци, изјави Алиу.
Од АЕТМ потенцираат дека се стремат да ги поддржат интересите на компаниите од е-трговијата, да ги намалат бариерите кои го ограничуваат растот и развојот на оваа индустрија, како и да придонесат кон зголемување на свеста и знаењето поврзано со е-трговијата преку многубројни проекти, иницијативи, соработки со владин и невладин сектор, организација на едукативни настани и изработка на анализи и извештаи.