Народната банка денеска организира нова работилница од веќе отпочнатиот серијал е-работилници за новинари, која ќе биде посветена на нејзината супервизорска функција.
Во рамки на работилницата ќе се говори за мандатот на Народната банка во однос на супервизијата на банките и штедилниците, што е, а што не, задача на супервизијата, што опфаќа вонтеренската, а што теренската супервизија, контролите на супервизорските процеси, супервизорските мерки итн.
На работилницата ќе учествува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а Илија Андовски од Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање ќе одржи презентација за супервизорската функција на централната банка. Воедно, во дискусијата ќе учествуваат и Викторија Глигорова, генерална директорка на Секторот за супервизија и Ернест Вејсели, директор на Дирекцијата за теренска супервизија.