Работниците од штипската фабрика „Баргала“ добија поддршка од претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски и од претседателот на Синдикатот од текстилната, кожарската и чевларската индустрија Љупчо Радоски.

Синдикатот, како што информираа оттаму, има поднесени поединечни пријави за сите работници против сопственикот на фабриката за тој да биде санциониран за неисплатени плати за септември и април. Од ССМ велат дека доколку работниците побараат, ќе бидат поднесени и тужби за наплата на платите по судски пат.

Димовски им укажал на работниците дека доколку одлучат, ССМ може да покрене и стечајна постапка и на тој начин од капиталот на фабриката да им се наплатат побарувањата.

– Ако работодавачот не сака да сподели од капиталот со работниците, тогаш работниците ќе го споделат капиталот на газдата преку стечај, било истакнато на средбата.

За 15 јуни е закажана нова средба на работниците со синдикатот.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/06/2021 15:41