Регионалната конкурентност на Западен Балкан е излезот од кризата, можноста што пандемијата ни ја има дадено. На европската економија и треба партнер, место кое е блиску и кое знае да креира продукти кои се важни во нивниот вредносен ланец, смета вицепремиерот за економски прашања, координација на економските сектори и инвестициите Фатмир Битиќи.
Тој во интервју за МИА вели дека е потребна регионална конкурентност, а не регионална конкуренција и оти како човек не верува дека може некој да стане подобар со тоа што ќе му биде конкуренција на некој друг со кого живее заедно.
– Периодот на пандемија покажа дека ние сме премногу ранливи и лесно можеме да бидеме погодени од најмалиот потрес. Толку сме мали што ако една фабрика во Германија се затвори, овде дел од економијата запира. И кога си толку мал, мора да видиш како да бидеш поконкурентен. Сите соседи конкурираме кон едни исти инвеститори. Велам дека не е важно каде ќе дојде инвеститорот, важно е каде е вредносниот ланец, каде се добавувачите на овој инвеститор, дали се во Кина или во Западен Балкан, подвлекува Битиќи.
Задоволен е што оваа негова идеја за заедничка регионална соработка и заеднички настап на земјите од Западен Балкан има добар одѕив кај соседните држави. Досега, за ова има разговарано со Црна Гора, Србија и Косово, а планира оваа негова идеја да ја презентира и кај другите држави од регионот.
– Берлинскиот процес зборува за заедничка економска зона. Сите земји од Западен Балкан потпишавме заедничка платформа за креирање на заедничката економска зона. Нема друг начин освен да почнеме од некаде, вели Битиќи во интервјуто за МИА.