Оваа година направивме одредени промени во стратегиските цели на Народната банка, со оглед на тоа што во последниот период се случуваат динамични глобални промени, коишто имаат одраз и врз нас како централна банка. Главните процеси што ја дефинираат нашата нова стратегија се: глобализацијата, технолошкиот напредок и иновациите, финтек-индустријата и надворешните шокови – сите овие процеси се вградени во одделни аспекти на поединечните цели во Стратегискиот план на Народната банка, порача вицегувернерката Ана Митреска.

-Планот содржи девет стратeгиски цели – дел од нив се традиционално поврзани со мандатот на централната банка, односно со спроведувањето на монетарната политика, стабилноста на банкарскиот систем, непреченото функционирање на платните системи и управувањето со девизните резерви, но со ставање акцент на предизвиците и на новите трендови коишто ќе бидат присутни во овие сфери во следните три години, рече Митреска вчера во емисијата „Економски магазин“ во врска со новиот Стратегиски план на Народната банка за периодот 2022-2024 година.

Во Планот, потенцира, утврдивме и цели коишто се директен и визионерски одговор на динамичните промени коишто се случуваат и од нас бараат посебно внимание во следниот тригодишен период. Такви цели се: транспарентноста и отчетноста на централната банка, вложувањето во финансиската едукација и зголемувањето на свесноста за климатските промени и придонесот за зелена одржлива економија.

Како што посочи вицегувернерката, Народната банка и понатаму ќе им биде посветена на финансиската едукација и на поттикнувањето на финансиската инклузија, со оглед на важноста на зголемувањето на свесноста за ризиците и сознанијата за предностите од користењето на различните финансиски услуги во време на технолошки иновации. Во однос на транспарентноста и отчетноста, таа напомена дека преку остварувањето на оваа цел ќе се обезбеди натамошно усогласување со најдобрите меѓународни стандарди.

Митреска нагласи дека во глобални рамки сѐ поголемо значење добиваат активностите на централните банки за ублажување на несаканите економски последици од климатските промени, вклучително и ефектите врз финансиските системи. Следејќи ги овие трендови, како што посочи, во овој стратегиски план е вклучена и посебна цел поврзана со климатските промени и потребата од „зелени финансии“.

-Со овој план се предвиде и поттикнување и развој на истражувачката дејност во областа на „зелените финансии“, како област којашто треба да се вгради во приоритетите на секоја општествено одговорна институција, а заради придонес кон создавањето „зелена“ и одржлива економија, што во крајна линија би обезбедило повисок животен стандард и унапредување на квалитетот на животот за нејзините граѓани. Народната банка веќе започна и со оперативни активности за поддршка на „зелените финансии“ во доменот на своето работење, истакна Митреска.

Говорејќи за Стратегискиот план на Народната банка, вицегувернерката напомена и дека тој се потпира на мисијата, визијата, како и на вредностите во работењето на Народната банка ‒ квалитет, интегритет, лојалност, транспарентност, лидерство, иновативност, флексибилност, професионализам и тимски дух.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/06/2021 13:31