Рускиот претседател Владимир Путин денешните разговори со неговиот американски колега Џо Бајден ги оквалификува како „контруктивни“. Тој рече дека разговорите не биле непријателски, туку всушност биле прилично конструктивни, при што обете страни покажале подготвеност меѓусебно да се разберат.

– Општата оценка е следна, мислам дека немаше непријателство. Напротив, нашата средба помина принципиелно. На многу начини, нашите проценки се разликуваат. Но, според мое мислење, двете страни сепак покажаа желба да се разберат и да бараат начини за приближување на ставовите.Разговорот беше многу конструктивен, изјави рускиот лидер пред новинарите во Женева по руско-американскиот самит.

Тој го опиша Бајден како искусен државник. – Два часа разговаравме, тоа е нешто што не можете да го направите со повеќето политичари. Тој значително се разликува од поранешниот претседател (Доналд) Трамп, оцени Путин.

Путин рече дека разговарал за широк спектар на прашања со неговит американски колега, од стратешка стабилност до соработка на Арктикот.

– Претпоставувам дека темите се познати на сите: стратешка стабилност, кибер безбедност, регионални конфликти, трговски односи. Разговаравме и за соработка на Арктикот, рече Путин.

Тој истакна дека Русија им доставила на САД сеопфатни информации за кибер напади. Тој рече дека тој и американскиот претседател Џо Бајден се договориле да започнат консултации за кибер безбедноста. Рускиот претседател тврди дека кибер напади против Русија дошле од САД.

Путин изјави дека се договориле со американскиот претседател за враќање на амбасадорите. За потсетување, рускиот амбасадор во САД Анатолиј Антонов и американскиот амбасадор во Русија Џон Саливан се повлечени во своите матични земји во последните месеци поради зголемените тензии меѓу САД и Русија.

Шефот на руската држава исто така посочи дека и САД и Русија имаат посебна одговорност за стратешката стабилност во светот.

– Ние сме двете најголеми нуклеарни сили: по количина на оружје, боеви глави, снабдувањето и нивото, квалитетот на современото нуклеарно оружје, рече Путин, додавајќи дека и двете земји се свесни за оваа одговорност. Тој најави дека Москва и Вашингтон ќе започнат дискусии за можни измени на неодамна продолжениот договор за контрола на оружјето Нов СТАРТ.

Рускиот претседател рече и дека на средбата едвај станало збор за опозиционерот Алексеј Навални, кој е во затвор, при што воопшто не му изговори името, туку на него посочи како на „тој човек“. Обвинувајќи го Навални за намерно кршење на законот, Путин рече: Го направи она што сакаше да го направи.

Путин исто така рече дека Вашингтон не треба да се грижи за руската милитаризација на Арктикот и дека загриженоста е неоснована, додавајќи дека двете страни треба да соработуваат.

Тој видно изнервиран одговори на прашањето за постапување со политичките противници. – Ако вашите политички противници се мртви, во затвор, отруени … Зарем тоа не испраќа порака дека не сакате политички противници, од што се плашите?“, праша новинарката. Одговорот на Путин започна со осврт на немирите во Капитол на 6 јануари и рече дека Русија не сака таков вид хаос во своите граници.

Луѓето се побунија и влегоа во Конгресот со политички барања. Ним им се закануваа затворски казни од 20 до 25 години … Од која причина, сè уште не знам. Сочувствуваме со она што се случува во САД, но не сакаме тоа да се случи во Русија, рече Путин.

Путин информира и дека на средбата станало збор за американските граѓани во руските затвори и рече дека е можен договор со Вашингтон за размена на затвореници, но не соопшти детали.

Тој потврди дека Бајден не го повикал во Белата куќа, ниту тој го поканил американскиот претседател да ја посети Москва. Но разговорите со американскиот колега ги оцени како „трошка надеж“ за односите меѓу Москва и Вашингтон. Го опиша Бајден како конструктивен и искусен партнер, но потенцира дека е тешко сега да се каже дали ќе се подобрат билатералните односи. – Верувам дека ваквите средби треба да се одржуваат кога условите за нивно одржување се добри, потенцираше Путин.

Со тоа тој ја затвори прес-конференција, а сега се очекува и американскиот претседател да се појави пред новинарите.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/06/2021 00:38