Рударската компанија „Дебсвана“ од Боцвана, соопшти дека е ископан дијамант од 1.098 карати. Скапоцениот камен најден на 1 јуни, му беше покажан и на претседателот на државата, Мокгвеетси Масиси.

– Се верува дека ова е третиот најголем дијамант во светот… Овој редок и извонреден камен значи многу за работата со дијаманти во Боцвана. Дава надеж на нацијава што има своја борба, изјави директорката на „Дебсвана“, Линет Армстронг.

Како што објави „Њуз централ“, се работи за рударска компанија со седиште во Боцвана, која е една од водечките светски производители на дијаманти. Работи со четири рудници за дијаманти во оваа африканска земја, како и со еден рудник за јаглен. Ова е најголемиот скапоцен камен откриен во историјата на оваа компанија, а тоа се случи во заеднички проект на Владата и глобалната групација „Де Бирс“ – меѓународна корпорација специјализирана за вадење и трговија со дијаманти.

Најголемиот откриен дијамант досега има 3.106 карати и е пронајден во Јужна Африка 1905 година, а вториот – од 1.109 карати е откриен 2015 година во североисточна Боцвана.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/06/2021 11:25