Брендот за долна облека, „Викторија’с сикрет“ вчера најави нов правец во рекламирањето, со нови лица како „ангели на Виктрија“. Една од нив е ѕвездата на американскиот национален фудбалски тим, Меган Рапино.
Мартин Вотерс е новиот одговорен шеф за меѓународниот пазар на „Викторија’с сикрет“, кој беше назначен за главен извршен директор во февруари. Како што тој изјави за „Њујорк тајмс“, тоа е промена што долго време се очекувала.
– Кога светот се менуваше, ние одговоривме премногу бавно, рече Мартин Вотерс. „Треба да престанеме да се занимаваме со тоа – што сакаат мажите и да се позанимаваме со она што го сакаат жените“.
Вотерс додаде и дека некои од познатите „ангели на Викторија“ – веројатно најпрепознатливата група супермоделки во светот, ќе бидат исфрлени, велејќи дека не ги смета за „културолошки релевантни“… Или, како што Рапино еднаш кажа за минатата маркетинг-стратегија на брендот, дека е „патријархална, штетна и сексистичка“.
Покрај Рапино, во новите имиња се спомнува и глумицата Пријанка Чопра Џонас.