Швајцарски кројач соши панталони долги скоро 70 метри, а тешки 700 килограми, со надеж дека ќе го собори светскиот рекорд.

Цвендекар Келеш вчера им ги покажа своите огромни панталони на сограѓаните. А, како што истакна, му биле потребни осум месеци да ги направи на машина за шиење. Тој сега се надева дека ќе влезе во Гинисовата книга на рекорди, а доколку успее во тоа, од панталоните има намера да направи 12.000 вреќи од платно, кои ќе ги продаде или дарува во околните продавници.

– Ова е можност да се подигне свеста за загадувањето со пластика на нашата планета, изјави Патрик Куршелас, кој го поддржува Келеш во неговиот потфат.

Келеш пристигнал во Луцерн, Швајцарија, пред 11 години од Сирија и отсекогаш сонувал за вакво нешто. Тој има поддршка од 50 лица кои му помогнале со ткаенината, којашто, патем, чини околу 4.000 евра. Потфатот бил спонзориран од донатор кој претпочита да остане неименуван.

Досега, најдолгите панталони на светот, од 65,5 метри, беа скроени во Лима, Перу, а светскиот рекорд беше поставен 2019 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/06/2021 11:29