Планот на Владата да воведе еколошка такса, со која ќе се плаќа по 4,13 денари со ДДВ за секој наточен литар нафта и бензини, според Сојузот на стопански комори ќе има негативни ефекти по активноста на стопанството и животниот стандард на граѓаните. . -Еколошкото оданочување има функција на дестимулирање на активности кои придонесуваат кон загадувањето како приоритет, но неговото воведување мора да има предвидливост и период за прилагодување. Одржливост и стабилност на даночниот систем може да се постигне единствено со однапред планирани решенија за кои ќе има доволно време и соодветни услови за имплементација. Воведување на ад хок решенија создава непредвидливост и несигурност кај стопанството што негативно влијае на намалување на деловната активност, велат од ССК за Алфа.
Стопанството алармира оти Владата досега не побарала официјално мислење во врска со воведување на новата давачка. Експертите и јавноста бурно реагираа зашто новиот зелен данок кој ќе важи од 1 јули, ќе ја подгрее инфлацијата и ќе удри врз џебот на граѓаните. Бизнисот очекува Владата да се премисли.