Проектот “m.Health” е избран како најиновативно и најкреативно решение за подобро управување со здравствениот систем, во рамките на првиот хакатон “Е-Здравство”, кој се одржа изминатиот викенд, во организација на Фондот за иновации и технолошки развој, РОШ Македонија, а во соработка со Министерството за здравство.

На хакатонот, како што информираат од ФИТР, вкупно 11 проектни тимови под менторство на врвни експерти од областа на здравството работеле на развој на дигитално решение кое ќе придонесе кон подобар здравствен систем во земјата.

Тим лидер на победничкиот проект „m.Health”, Кирил Солески, појасни дека проектот претставува паметна, иновативна платформа која има за цел да ги интегрира и унапреди здравствените услуги во нашиот систем, кој ќе овоможи поголема ефикасност и достапност до здравствени услуги, подобрено следење на пациентите, развивање на здрави навики и зголемена информираност се само дел од придобивките кои ги нуди ова дигитално решение.

– На самиот е-хакатон имаше многу добри идеи и би сакал исто така да ги охрабрам сите останати тимови да продолжат со работата за развивање на решенија за електронско здравство, изјави Солески, посочувајќи дека имале навистина напорни, но многу продуктивни 48 часа исполнети со интензивна работа со членовите на мојот тим, Софија Христова и Драган Соколовски.

Победничкиот проект “m.Health” добива финансиска поддршка во износ од 30 илјади евра за реализација на решението кое ќе биде целосно и бесплатно достапно за сите граѓани во текот на следната година.

Според Ивана Станковиќ, советник во Фонд за иновации и технолошки развој и дел од организацискиот тим на хакатонот, сите проектни тимови понудиле одлични решенија и покажале дека дигитализирањето на процесите во здравството е реална потреба со цел да имаме современо и квалитетно здравство.

Директорка на РОШ Македонија, Александра Ивановска изрази уверување дека победничкото решение ќе биде од голема корист и полза за здравствениот сектор, за Министерството за здравство и Мој Термин.

– Се заблагодарувам на ФИТР и Министерството за здравство за целокупната поддршка при креирањето на овој прв, но не и последен хакатон посветен за унапредување на еден од најважните столбови во секоја држава – јавното здравје. И во следниот период продолжуваме да вложуваме и развиваме иновативни платформи, затоа што технолошките иновации во здравствениот сектор за подобро функционирање, Ивановска.

Јавниот повик “Е-Здравство” на ФИТР и Рош Македонија, беше отворен од 2 до 17 овој месец, на кој освен трговски друштва, можност имаа да се пријават и физички лица организирани во проектни тимови.

Врз база на доставените предлог проекти, Комисијата за оценување и избор направи претселекција на апликантите кои преминаа во следната фаза, а тоа е 48 часовен Хакатон “Е-Здравство”. За време на хакатонот, единаесет проектни тимови беа дел од повеќе менторски сесии водени од страна на: ФИТР, РОШ Македонија и Управата за електронско здравство, кои им помогнаа на учесниците да ги искристализираат нивните идеи и да ги насочат кон креирање на прототип или демо верзија на решението. Во финалниот дел, проектните тимови ги презентираа своите решенија пред Комисијата за оценување и избор кои врз основа на однапред дефинирани критериуми ја донесоа конечната одлука за избор на најиновативно е-решение од областа на здравство.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2021 13:27