По пауза од една сезона туристите од регионот и надвор од него полека се враќаат на брегот на Јадранското Mоре во Црна Гора, во Херцег Нови и Игало. На почетокот на сезоната се чувствува раздвиженоста на шеталиштето покрај брегот и на плажите. Иако поголем број од угостителските објекти најавија отворање на средината на овој месец, сепак на традиционалните собиралишта во Херцег Нови може да се слушне џагорот и говор од различни јазици.

Туристичките работници од овој дел на Црна Гора потенцираат дека има голем број причини зoшто да се избере Херцег Нови за дестинација за летување, посебно за земјите од поранешна Југославија. На почетокот на овој месец влезот во оваа земја е дозволен без тестови, а неодамна од Скопје до таму почна да функционира и автобуски превоз, со кој се патува преку Косово и Албанија и по десетина часови се пристигнува во Херцег Нови.

-Понудата за престој на гостите е голема-како тука во градот, така и на блиските околни дестинации. Сликата за Херцег Нови од изминатите десетина години како дестинација со малку хотели, сега е сменета. Имаме 41 регистриран хотел, а тука имаме повеќе групации со големи сместувачки капацитети, како и отворање на хотел од еден од големите светски хотелски ланци, како и хотелот „Лазуре“, кој се наоѓа во Мељине, вели Наталија Терзиќ од Туристичката организација на Херцег Нови.

По колапсот на туризмот предизвикан од пандемијата на Ковид-19, туристичките работници за оваа сезона се свртени кон регионот, кон БиХ, Србија, Северна Македонија, Албанија, Хрватска и Словенија, кон рускиот пазар, Украина и дел од Западна Европа, а засега најбројни се туристите од Србија и Босна и Херцеговина.

-Се надевам дека плажите кај нас ќе изгледаат како некогаш, кога туристите можеа само со крпата да уживаат на каменот или песокот. Се надевам дека ќе се промени и законската регулатива за закуп на плажите за да има место за сите кои сакаат мирен и релаксиран одмор без да изнајмуваат лежалки и чадори, а цените во сместувачките капацитети се пониски за 10 до 30 отсто, посебно во приватното сместување, во споредба со 2019 година, која е оценета како една од најдобрите, додава Терзиќ.

Инаку, цените во приватното сместување се движат од 15 евра за кревет, односно од 30-35 евра за сместување во пооддалечените објекти и 50 евра доколку сакате да сте поблиску до морето.

Вилата на Тито во Игало споменик на едно минато време и на земјата која ја нема повеќе

Прошетката во овој дел на црногорскиот брег групата новинари од БиХ, Хрватска, Македонија и Србија, организирани од FIJET Србија и нашиот колега Ѓорѓе Михајловиќ, почна од Титовата вила „Галеб“ во Игало, која била летна резиденција на Јосип Броз.

Изградена е во 1976 година за само 6 месеци на површина од повеќе од 5.500 метри квадратни покрај Инстутот „Симо Милошевиќ“ во Игало заради минералните извори и лековитата кал. Материјалите за нејзината изградба и опремување се носени од сите делови на тогашната држава-килими од Македонија, камен од Брач, кој е вграден и во Белата куќа во Вашингтон, електроника од Ниш и од многу други места.

Во неа се уште можат да се видат масата на кое заседавало највисокото раководство на Југославија, работното биро на маршалот, потоа кино салата за гледање филмови, огромната соба за шминкање на Јованка Броз и нејзиниот розе салон, синиот салон на Тито со кревет за аѓутантот, базен со подвижно дно, атомско засолниште со 36 кревети, бања со бразилски мермер, единствен сив мермер на планетата, берберски стол со пепелник за пурите на Тито, како и аквариум за специјална врста рибичка донесена од Блискиот Исток, која ја тестирала чистотата на водата во базенот и во вилата и која во случај водата да не е чиста таа умирала.

-Пред доѓањето на Титово вилата во аквариумот е ставана оваа риба, која може да живее само во чиста вода. Најинтересно е што покрај цел овој систем тука постојано имало еден човек, чија единствена работа била да седи тука и да ја надгледува рибата и доколку таа не е жива можел рачно да го исклучи системот за проверка на водата. Инаку, вилата се снабдувала со вода од извор од планината зад градот, а денес од него со вода се снабдува Херцег Нови, објасни Ален Филиповиќ, наш домаќин во вилата на Тито.

Денес овој објект пропаѓа, иако е монументален споменик на едно минато време и на земјата која ја нема повеќе. Според најавите од нашите домаќини се бара решение за одржувањето и иднината на Титовата вила, која формално е дел од Институтот во Игало. Крузери, скривници за подморници и прекрасното Роса на полустровот Луштица

Пловењето по влезот во Заливот Бока Которска не однесе на спротивниот брег од Херцег Нови. Во кусото патување сретнавме засидрен крузер среде заливот, од чија големина едноставно ви застанува погледот, а позади него е луксузната марина Порто Ново. Погледот ви го земаат неколкуте скривници за подморници на брегот на полуосторовот Луштица, кои некогаш биле бази на подморниците на морнарицата на ЈНА, а над нив се издигнуваат големи вили до самиот брег.

На крајот од ова кусо патување застанавме во малото селце Роса, до кое се стигнува со брод или по кривулестиот пат од Тиват. Сликата оттаму е како од соништата. Стари куќи, некоја коноба, поплочен брег и прекрасен поглед на високите црногорски планини и на Игало и Херцег Нови. Место за мирен одмор кое може само да се посака. Полни очи со убавина и повторно назад во нашата база, хотелот „Плеј“, лоциран веднаш до некогашната Јадранска магистрала во Игало.

Куќата на нобеловецот Иво Андриќ и камените куќи во Жлјеби

Во понудата за запознавање со културно-историското наследство на Херцег Нови значајно место зазема куќата во која живеел нобеловецот Иво Андриќ. Таа е единствената куќа која ја изградил Андриќ во текот на својот живот, откако барал локации на повеќе места во Бока Которска за да може да ја лекува својата сопруга Милица, која боледувала од артритис.

-По совет на лекари од Шведска, каде ја примил Нобеловата награда, му го препорачале Херцег Нови заради климата и лекувалиштето во Игало, бидејќи тие своите пациенти ги испраќале токму тука. Со дел од парите од наградата одлучил да изгради куќа тука во 1963 година. Заедно со сопругата во неа живееле 5 години и откако таа починала тука, во дворот на куќата во 1968 година, одлучил да замине во Белград и никогаш повеќе не се вратил. Куќата и припаднала на сестрата на Милица, која одлучила да ја продаде, а ја купила општината Херцег Нови. Најпрвин во неа бил отворена градинка за деца, па била музичко училиште, клуб на писателите и ресторан, а во 2018 е претворен во музеј, кој е свечено отворен на 31 март годинава, објаснува Тихомир Кољевиќ, водич во музеј-куќата на Андриќ.

По приказната за куќата на единствениот нобеловец од некогашните југословенски простори, неизбежни се уште неколку историски објекти во Херцег Нови. Нашите љубезни домаќини не запознаа со училиштето во кое неколку години учел Петар Петровиќ Његош, Музејот на Мирко Комненовиќ и познатата Канли Кула, која е голема отворена сцена во која се одржуваат повеќе фестивали.

Патот не води кон планинските камени височини над Херцег Нови, кон селото Жлјеби, на 750 метри над морето. Уникатните куќи, изградени и покриени со камен, потсетуваат на многу црногорски филмови и во живо ја враќаат сликата од традиционалните села. Таму не пречека домаќинот Никола Сикимиќ. Со голем жар и енергија раскажува за селото во кое некогаш имало живот и како тој полека исчезнувал. Сепак, тој заедно со брат му решиле да ја обноват семејната ќуќа и со несекојдевна гастрономска понуда ги пречекуваат гостите.

-Иако е камен насекаде околу нас, малата површина земја е плодна и одгледуваме најразличен зеленчук и стока. Конобата е на местото на некогашното поилиште, а најголем дел од куќите се реставрирани со камен кој го вадиме во непосредна близина од нашиот каменелом. Тоа што го подигнавме сакаме да го покажеме и на другите за да можат и тие да уживаат во нашиот рај, вели Сикимиќ.

Готвачот Горан Стјепчиќ, кој е задолжен за подготовка на месо под вршник ни раскажа дека ова јадење се подготвува според традиционален рецепт.

-Важен е огнот и дрвата, но поважни се зачините-лук, кромид, рузмарин, компир и се готви по еден час од двете страни и потоа месото е подготвено, рече Стјепчиќ.

На трпезета покрај јагнешкото и телешкото под вршник имаше и пршут, неколку видови сирење, разни салати, бело и црвено вино, но и печени црвени пиперки зачинети со лук и магданос, кои се исти со нашиот македонски специјалитет.

Посетата на Херцег Нови ја завршивме со вечера во ексклузивниот хотел марина „Лазуре“. Изненадувањето дојде од родниот крај на авторот на репортажата. Од шанкот се послужуваа црвени и бели вина на Винаријата „Далвина“ од Хамзали кај Струмица. Чувството дека си далеку од дома за миг се претвори во гордост дека заедно со македонското вино сте мал дел од големата туристичка понуда на пријателска Црна Гора.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/06/2021 14:11