„Форд ескортот“ што некогаш ѝ припаѓал на Дијана, принцезата од Велс, беше продаден на аукција во Велика Британија вчера, за нешто повеќе од 61.000 евра. Новиот сопственик е музеј во Јужна Америка.
Лејди Ди ја доби оваа светло-сива лимузина како подарок за веридбата, од принцот Чарлс во мај 1981 година, два месеца пред венчавката во јули. Таа престана да го користи автомобилот кусо по раѓањето на нивниот син Вилијам во 1982 година, а возилото тогаш го купи антиквар за околу 7.000 евра.
Од првите години по 2000-та, автомобилот му припаѓал на обожавател на кралското семејство, кој ретко го возел и, наводно, „никогаш не им раскажувал на пријателите“ за историјата на автомобилот. Автомобилот, кој сè уште ја има оригинална регистрација, како и бојата, и покажува околу 130.000 минати милји (скоро 210.000 км), беше продаден на наддавање во аукциската куќа „Риман Данси“ во Колчестер, источна Англија.
Луис Рабет од аукциската куќа рече дека купувачот е засега неименуван музеј од Јужна Америка.
– Тоа сведочи за нивото на интерес за принцезата Дијана во Јужна Америка, како и за трајната трага што ја остави принцезата таму, рече тој.
Автомобилот, инаку, првично беше проценет на цена меѓу 35.000 и 45.000 евра.