Редизајнираниот нов „Поло ГТИ“ со себе носи малку помоќен дволитарски четирицилиндричен турбо-мотор бензинец, но веќе нема да се нуди во комбинација со претходниот рачен менувач.

Два месеци по премиерата на редизајнираното издание на популарниот Б-сегмент на „Фолксваген“ во Волфсбург, Германија, стана јасно дека тој ќе се бори за своето место под Сонцето со, засега, малата конкуренција во лицето на „Форд“ (Фиеста СТ) и „Хјундаи“ (И20). Украсен со карактеристичните црвени детали кои традиционално го придружуваат „Фолксваген“ со ознаката „ГТИ“, најмоќното „Поло“ и натаму се напојува со дволитарски турбо-бензинец (ТСИ) кој наместо претходните 200, сега има 207 коњски сили.

Вредноста на максималниот вртежен момент (320 њутн-метри) не е променета, а за пренос на моќност до предната оска, можен е само седум-степениот автоматски менувач.

Освежениот „Поло ГТИ“, од 0 до 100 километри на час постигнува за 6,5 секунди (0,2 секунди побрзо од неговиот претходник) и развива околу 240 км/ч. Неколку редизајнирани детали на каросеријата недвосмислено потсетуваат на решенијата што компанијата ги понуди со „Голф 8“. „ГТИ“-духот во кабината најмногу го истакнуваат спортските седишта со препознатливиот кариран дизајн, а богатата стандардна опрема вклучува и дигитална контролна табла.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/07/2021 13:48