Во полна сала, со почитување на здравствените протоколи за заштита од Ковид – 19, синоќа во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, членовите на драмското студи „Миладин“ премиерно ја одиграа детската бајка „Заспаната убавица“, од Браќата Грим, во режија на Ристе Миладинов.

По подолга пауза поради пандемијата, како што истакна режисерот Миладинов, најмладата публика, но и оние по возрасните имаа можност да се дружат со театарот.

– Очекувањата мои се остварија и од интересот кај публиката, но и актерската игра на аматерите во драмското студио „Миладин“ ги оствари моите барања. Публиката покажа дека е желна за театарот, посебно за моето постоење и моето творештво, рече Миладинов.

Воодушевена од својот прв настап, кралицата, Анастасија Корчакоска не ја криеше својата возбуда по настапот во полната сала.

– Учеството во детската драмска претстава „Заспаната убавица“ има безброј придобивки од многу аспекти, почнувајќи од личните, кои се простираат од социјалните при дружењето во групата која ја подготвуваше до зајакнувањето на самодовербата кога навистина требаше да излеземе пред полната сала. И секако пошироките затоа што после долго време во Струга можеше да се присуствува на еден ваков културно уметнички настан и задоволството се читаше на лицата на публиката која нè поддржа, изјави Корчакоска.

Седумдесет и две годишниот режисер, Миладинов, кој 50 години се занимава со театарска дејност и десет години раководи со аматерското драмско студио „Миладин“ во екот на пандемијата сакал да ја заврши театарската кариера, но по иницијатива на љубителите на неговото дело, не го направил тој чекор.

– Тоа ме поттикна и даде знак дека сепак градот и стружани не ме заборавиле и сè уште имаат доверба во мене и сакаат и понатаму да творам на тоа поле. Си зедов обврска и покрај тешкотиите и проблемите во подготовките на претставите сепак да одговорам.

Драмското студио „Миладин, спрема уште една премиера за в недела, 11 јули, за претставата „Добро утро арамии“ од Фадил Хаџич, преработена за наши услови. Режисер на претставата е Христијан Миладинов, а публиката ќе има можност на сцената да види една приказна со финансиски и материјални проневери и работење на фирма со поткуп.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/07/2021 16:31