Излезе од печат 11-тиот број на списанието „Дипломатскиот летопис“, што го издава Дипломатскиот клуб во Скопје.

Како што соопштија денеска од Дипломатскиот клуб, најновиот број на списанието содржи три актуелни теми од меѓународните односи – три децении од 1991 година, година на осамостојувањето на државата и етаблирање на Македонија како меѓународен субјект; дипломатијата и глобализацијата во услови на пандемија; како и искуствата на Словенија со претседателствувањето на Словенија со Европската унија, преку авторски текст на амбасадорот на оваа земја во Скопје, Милан Предан.

Во овој број објавен е и коментар за некои идеи за промена на границите на Балканот, осврти за бегалците и за миграциите, како и за билатералните односи меѓу Македонија и Монголија и Македонија и Романија.

Редакцијата и во овој број, кој е издаден со поддршка на Министерството за култура, продолжува со објавување на детали од дипломатската активност и творештвото на истакнати македонски амбасадори, во случајов за Коле Чашуле и за Илија Топаловски.

Од Дипломатскиот клуб посочуваат дека во ова издание се нотираат и актуелните изданија со дипломатска и стручна тематика, како и библиографијата на сите прилози досега објавени во првите десет броја на „Дипломатски летопис“.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/07/2021 12:29