Со долготрајни аплаузи и со позитивни одгласи во медиумите помина премиерата на „Генетиката на Глембаеви“ од Венко Андоновски и режија на Дејан Пројковски во изведба на Народно позориште на Република Српска на отворањето на 23. Театарфест „Петар Кочиќ“ во неделата во Бања Лука.

Се работи за претставата која пред десетина години беше голем хит на Драмскиот театар-Скопје кога се изведуваше со насловот „Генетика на кучињата“.

„Независне новине“ во критиката, во која се истакнуваат актерските остварувања на ансамблот на Народното позориште на Република Српска со кој Пројковски ја постави неодамна и „Дервишот и смртта“ и победи на Фестивалот на војводинските театри, меѓу другото пишува дека оваа претстава константно го држи вниманието.

-Мудро напишаниот текст и актерското мајсторство веќе го споменавме. Тука е и музиката на сјајниот Горан Трајковски. Сценографијата на Валентин Светозарев, на пример, е во согласност со карактерите на ликовите.. Иако оваа претстава ги раскринкува сите слоеви на едно корумпирано општество, некои од ликовите сепак бараат спас во духовното. Со одличните режисерски решенија тоа „духовно“ во публиката се претвора во катарзично, наведува весникот.

Овој успех на Пројковски доаѓа по серија негови успеси надвор од земјава: најдобра претстава на „Сплитско лето“, претстава на годината во Хрватска, AFIFE- театарски Оскар за претстава на годината во Турција, награда за најдобра претстава од критиката во Турција, најдобра претстава во Црна Гора на Биеналето на црногорскиот театар, награда за најдобра претстава и најдобра режија на фестивалот на професионални театри во Војводина.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/07/2021 20:38