Претседателот на Занаетчиската комора на Северна Македонија Агрон Фазлији и претседателот на Комората на органски производители Драган Цветковиќ, денеска во Куманово потпишаа Меморандум за соработка.
Двете комори ќе соработуваат заеднички на повеќе проекти за промоција на занаетчиите и на органските производители.
Фазлији и Цветковиќ информираа дека соработката ќе се спроведува и на локално ниво во Куманово. Двете комори ќе ги застапуваат заедничките интереси на органските и производителите на традиционалните производи, пред надлежните институции.
– Овие меморандуми имаат за цел воспоставување на соработка од која корист ќе имаат членовите на двете комори. Соработката се однесува на занаетчиите кои скоро се во изумирање, како што се грнчарите. Би сакал да го изразам нашето задоволство, бидејќи комората на органски производители е сериозен чинител во нашето општество, изјави Фазлији.
Цветковиќ истакна дека на овој начин и органските производители ќе имаат свои соработници особено кај занаетчиите кои креираат традиционални производи. Тој се надева дека членовите на двете комори ќе се поддржат меѓусебе и ќе ги презентираат своите производи не само на национално, туку и на меѓународно ниво, посочувајќи го претстојниот саем на органски производители.