Во кафе-книжарницата „Буква“ вечер ќе биде промовирана збирката раскази „Тешко ќе најдеш добар човек“ од Фланери О’Конор, во издание на издавачката куќа Темплум.

Од Темплум информираат дека ова е првата книга од О’Конор преведена на македонски.Се работи за збирка раскази на една од најзначајните американски писателки и есеистки. За книгата ќе зборуваат преведувачката Румена Бужаровска и уредникот на Темплум, Никола Гелевски.

-Секоја реченица кај О’Конор е експлозивна и повеќезначна. Нејзиниот јазик живописно го отсликува говорот на американскиот Југ – оттаму и предизвиците при преводот. Тоа е така бидејќи и покрај тоа што нејзините приказни се универзални, нивниот идиом е локален, типичен за Југот на Америка – и токму тоа им ја дава нивната богата неповторлива обоеност. Расказите коегзистираат во извонредна мешавина од комичното и сериозното, со што голем дел од ликовите и ситуациите наликуваат на гротески. Најголема заслуга за присуството на хуморот во нејзините дела е секако нејзиното извонредно чувство за деталите, како и сатиричната намера која е подлога на поголемиот дел од текстовите: неретко нејзината цел е да ја исмее неукоста, себељубието и себичноста на човекот, вели за книгата Бужаровска.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/07/2021 11:10