Десетина текстилни работнички од штипската конфекција „Алкон Текс“, на кои вчера им заврши принудниот одмор од три месеци, веќе втор ден се пред фабриката. Бараат да ги пуштат да работат и се плашат да не им се случи истата судбина како работниците во штипска „Баргала“, кои добија отказни решенија за кршење на ред и дисциплина, бидејќи три дена последователно не доаѓале на своите работни места. Инспекторки на Државниот трудов инспекторат утринава беа на самото место и ги евидентираа работничките кои два дена чекаат да бидат пуштени во објектот, во кој работеле пред три месеци.
Текстилната работничка, Силвана Димитрова вели дека ваквата неизвесност, за нејзиното семејство и сопруг кој чека операција е голем проблем. Меѓу решенијата кои и се понудени е и да се разведе од нејзиниот сопруг, за да има здравствено осигурување, со цел да го оперираат.
Работничката, Бисера Кафтанова вели дека вчера на дел од работниците им завршил принудниот одмор, а кога дошле да се пријават на работното место им било кажано дека седиштето на фирмата „Алкон текс“ не е во овој објект, туку е на друга адреса. Бараат да им се исплатат трите заостанати плати, да се вратат на работа или да им дадат откази поради деловни причини, за да добијат испратнини и да се пријават во Агенцијата за вработување и да си бараат работа во друга фирма.
-Без никакво образложени што ќе се случува понатаму и без да им понудат решение, треба да ни дадат отказ од деловни причини за да можеме некаде да работиме или да се пријавиме во Агенцијата за вработување, вели Кафтанаова.
Работничките утринава се собраа во дворот на фабриката барајќи си ги платите за април, мај и јуни, но и да им се даде отказ од деловни причини
-Ова што ни го направија многу лошо. Ненадејно не испратија на одмор, а потоа на принуден одмор со 70 проценти. Ништо не ни е исплатено, ниту придонеси, ниту здравство, рече работничката Убавка Јосифова
Префрлање на капиталот од една во друга фирма како што е случајот периодов е зачестена, посочуваат од „Гласен текстилец“ и бараат од УЈП, јавното обвинителство да реагираат за да се спречи понатамошната манипулација со работниците.
-Вие немате здравствено осигурување во време на здравствена криза, не знам кој би го дозволил ова. Ова не се случува во ниту една правна држава, вели Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.
МИА се обиде да стапи во контакт со управителот на конфекцијата „Алкон текс“-Штип, но тој не се јави за да образложи што ќе се случува понатаму со овие работнички.