Во издание на „Паблишер“, од печат излезе новиот роман „Баба“ на Луан Старова.

Романот е инспириран од ликот на баба му Хазбије, и во него тој ја дешифрира невидливата и нераскинлива врска помеѓу навидум раздвоените и напати антагонистички колективни социјални ентитети. Притоа, како централен лик во романот кој го следи нејзиниот живот од најраните младешки години до самиот крај, Хазбије прераснува во апотеоза на Жената – единствениот и пресуден фактор кој овозможува поврзување на луѓето, и тоа на сите нивоа, од семејството како интимна заедница до соработка и поврзување на големите светски култури и цивилизации.

Авторот на поговорот, Ферид Мухиќ, нагласува дека ова е роман за „феноменот на вечната човекова подвоеност, условно кажано – помеѓу небото и земјата. Не нужно распнатост, не секогаш растргнатост, туку едноставно подвоеност како реална ситуација, како еден вид агрегатна состојба во која се манифестира животот на секој човек“.

Луан Старова е автор на над 200 библиографски единици на разни стручни и научни трудови во земјата и во странство, како и на преводи на дела од Жан-Пол Сартр, Ѓерѓ Лукач, Исмаил Кадаре и други. Автор е на книгата „Француски книжевни идеи на XX век“, како и на „Балканска сага“, составена од 17 романи.

Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: наградата „Крсте Мисирков“ за публицистика, наградата „11 ноември“ на Скопје, републичката награда „11 Октомври“, двапати е награден со наградата „Стале Попов“ за роман на годината, Рациновото признание во 2007 година за „Потрага по еден Лејбовиц“, а добитник е и на државната награда „Св. Климент Охридски“, и други.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/07/2021 14:31