Резултатите од парламентарните избори се автентични и го одразуваат гласот на избирачите, како што треба да биде во демократијата, изјави бугарскиот привремен премиер Стефан Јанев на почетокот на редовната седница на Владата.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Јанев ги коментира напорите на привремената влада на Бугарија за време на изборите и пред нив. Тој им се заблагодари на Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи и ЦИК. Стравувањата од машинско гласање се побиени, денот на изборите, според Јанев, бил мирен, обидите за купување гласови се спречени, а резултатите се автентични.

– Мислам дека бугарските граѓани ги ценат нашите напори и нивната проценка е најважна за нас, рече тој.

– Не можам да не забележам неколку вознемирувачки појави во врска со изборниот процес. Констатираме екстремно слаб одзив, што за жал едвај се должи само на фактот дека гласањето се одржа во лето, рече Јанев.

Јанев коментира дека политичката апатија е опасна појава и политичките партии во Бугарија мора да работат понапорно за целосно вклучување на бугарските граѓани во демократскиот процес во земјата



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2021 12:23