Албанската министерка за Европа и надворешни работи, Олта Џачка реагираше во врска со кривичната пријава што против амбасадорот на ЕУ во Тирана, Луиџи Сореца до Специјалното јавно обвинителство (СПАК) ја поднесе Алијансата за одбрана на Националниот театар.

Во објава на Твитер, таа наведува дека амбасадорот Сореца е добар пријател на Албанија и Албанците, кој максимално се заложил да им помогне на Албанците по последиците од катастрофалниот земјотрес што земјата ја погоди на 26 ноември 2019 година и справувањето со пандемијата со Ковид-19.

Таа изразува жалење за обвинувањата оценувајќи ги истите како клевета.

– Луиџи Сореца е добар пријател на Албанија и албанскиот народ. Пријател кој ја надмина својата должност за да им помогне на Албанците со последиците од земјотресот и пандемијата КОВИД-19. Вистински пријател кој ја поддржа интеграцијата на нашата земја, дури и критикувајќи ја владата и политиката во случај на направени грешки. Жалење за обвинувањата упатени против него. Сигурно е дека амбасадорот Сореца ужива почит и поддршка од мнозинството албански народ, напиша Џачка.

Алијансата за одбрана на Националнот театар, освен кривичната пријава против Сореца за „влијание врз Уставниот суд” при донесување одлука за предметот „театар”, од Џачка и од претседателот Илир Мета побара евроамбасадорот да биде прогласен за „персона нон грата“.

Во врска со обвинувањата на адреса на нивниот претставник во Тирана, вчера реагираше и портпаролот на ЕК, Петер Стано, кој обвинувањата против амбасадорот Сореца ги смета за неосновани и дезинформации „кампања насочена против делегацијата на ЕУ во Албанија”



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2021 15:07