Во првата половина од годинава за 63 отсто се намалил бројот на нови пристигнувања на бегалци и мигранти на грчките острови, споредбено со истиот период лани, а намалувања има и во бројот на баратели на азил кои престојуваат во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Според официјалните податоци од Министерството за миграција и азил на Грција, во јуни 2021 година, регистрирани се за 77 отсто помалку бегалци и мигранти сместени во прифатните центри на островите за разлика од лани, додека пак за 45 проценти се намалил вкупниот бројот во целата земја.

Заклучно со 30 јуни, на островите во прифатните центри и кампови во цела Грција сместени се 49.200 баратели на азил, наспроти 89.227 лица во јуни минатата година.

Во првите шест месеци од годинава, од Грција кон Европа или трети земји заминале 6.003 лица, а пристигнале 3.606.

Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис рече дека предизборните цели и ветувања за намалување на брановите и ограничување на последиците врз локалните заедници се исполнети, а земјата повеќе не живее во мигрантска криза.

-Бројот на оние кои престојуваат на островите сега е 7.758. Затворивме центри низ целата земја и од 121 колку што имаше лани, останаа 36, додека од 89.227 баратели на азил во јуни 2020 година, денес имаме 49.200. Според тоа, Грција денес веќе не живее мигрантска криза. Сепак, потребно е да продолжиме со нашата политика, будност, континуирано делување и следење, за оваа состојба што ја гледаме денес не само да остане одржлива, туку да продолжи дополнително да се подобрува, рече Митаракис.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/07/2021 16:18