Јавното обвинителство на Бугарија соопшти дека не е изненадено што привремениот министер за правда Јанаки Стоилов, исполнувајќи ја волјата на привремениот министер за внатрешни работи на Бугарија, Бојко Рашков, достави предлог до Врховниот судски совет за ослободување на главниот обвинител на Бугарија, Иван Гешев, изјави портпаролот на главниот обвинител Сијка Милева.

„Изненадени сме зошто Стоилов го поднесе предлогот против Иван Гешев дури сега – неколку дена пред истекот на мандатот на привремената влада, рече Милева, која ја оцени ситуацијата како политички чин насочен само кон политички дивиденди и ПР.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Милева смета дека предлогот содржи само политички, но не и правни аргументи и тој е без никакви конкретни детали. Иван Гешев беше избран за главен обвинител на Бугарија на почетокот на 2020 година, а неговиот мандат е седум години. Доколку Гешев биде сменет од функцијата, тој ќе биде првиот бугарски главен обвинител кој ќе биде разрешен по падот на бугарскиот претседател Тодор Живков во 1989 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/07/2021 01:45