„Гласје“ е насловена новата поетска книга на Васил Дрвошанов, која содржи педесет песни илустрирани со исто толку оригинални графики од Трајче Блажевски.

Во рецензијата напишана во форма на обраќање кон поетот, Елена Пренџова посочува дека авторот има уникатен поетски стил, лесно препознатлив на македонската книжевна сцена.

-Дрвошановиот поетариум претставува нежен и шепотлив поетски глас кој се одликува со гласни нијанси на мудролики мисли срочени во фино издлетувана проникливост во сенародниот јазик, естетски спакувани во куси слободни поетски форми – некогаш толку куси, што приликуваат на аеролити, пишува рецензентката Пренџова.

Новата поетска збирка е седма книга на Дрвошанов, која се надоврзува на поетските збирки: „Ронки“, „Мониста“, „Постапалка“, „Дожд“, „Рој“ и „Семе“. Дрвошанов е автор и на триесетина книги од областа на лингвистиката и на литературната наука.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/07/2021 14:40