Амбасадата на Израел и Проектот ХОПЕ денеска ќе и донираат два апарати за неинвазивна проверка на билирубин кај новороденчиња на Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир.
Овие апарати за проверка на билирубин кај новороденчиња имаат низок ризик од инфекции, траума и болка при мерење на нивото на билирубин. Исто така, резултатите од испитувања се достапни за неколку минути што овозможува и брз третман на жолтица кај бебињата.
Донацијата е дел од Проектот ПериМак, а во специјалната болница ќе ја предадат амбасадорот на Државата Израел во земјава Дан Ориан и претставниците на Проектот ХОПЕ, Влатко Ужевски и Емилија Дуковски. Оваа донација е една од последните активности на израелскиот амбасадор Ориан на крајот на мандатот во нашата земја.
Проект ХОПЕ е интернационална хуманитарна организација чија мисија е поддршка на локалните здравствени работници со цел спасување на човечки животи насекаде во светот. Кај нас постои од 1993 година и до сега имплементира многубројни програми за поддршка на здравствениот систем во државата.