Се конкретизира соработката меѓу Министерството за култура и Јадро – Асоцијација на независната културна сцена со план на активности и препораки од суштинско значење за вонинституционалниот културен сектор.

Како што соопшти денеска ресорното министерство, министерката за култура Ирена Стефоска на средба со претставници на Управниот одбор на Јадро изрази задоволството и ја истакна потребата од заеднички дијалог и партнерски однос за усовршување на состојбата на независната културна сцена.

На средбата, како што се наведува, беше истакната важноста на интердисциплинарната дејност, која го опфаќа социокултурниот контекст. Министерката Стефоска го потенцираше придонесот на независниот културен сектор во 2018 година за понатамошниот развој и идејното обликување на оваа дејност.

-Преку заемна соработка беше договорено да се обезбедат услови и ресурси за едукација на младите и помалку искусните уметници и културни работници за успешно аплицирање на Годишните конкурси на Министерството за култура. Беше разговарано за веќе почнатиот процес на дигитализација на Конкурсот за проекти од национален интерес за 2022 година, како и за решавањето на конкретни забелешки во врска со корисничките договори и бирократизацијата на процесот. Исто така, беше потенцирана потребата од опфаќање нови профилни дефиниции во однос на статусот самостоен уметник, стои во соопштението.

Од Министерството за култура информираат дека на средбата беше истакнато и значењето да се поддржат новите модели на цивилно-јавно партнерство во културата, особено значајни за нејзина децентрализација, земејќи го како пример Културно-социјалниот простор Подиум – Јадро во Кавадарци, кој го опслужува Тиквешкиот Регион.

Средбата се одржа во просториите на КСП Центар – Јадро и е дел од консултативниот процес меѓу Асоцијацијата Јадро и Министерството за култура почнат во април оваа година.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/07/2021 20:57