Шеталиштето на кејот „13 Ноември“ никогаш не било поубаво, похумано и толку достапно, ниту повеќе полно со луѓе, граѓани, скопјани, кои што сега конечно можат да уживаат во широчината на овие простори, изјави денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, при промоцијата на новиот реконструиран кеј.

Како што информираше Шилегов, реконструкцијата на кејот опфати 12.500 метри квадратни уредување на целокупната површина која што е концептуално поврзана со објектите кои што гравитираат по кејот, или таканаречените скопски кафичи на кеј.

– Во оваа насока беше изведено целосно ново приклуклучување, целосно нова и за прв пат интегрална патека за лица со инвалидитет. Поставени се нови клупи, нови корпи за отпад, нови жардињери за дрворедот кои што целосно ги ослободуваат корењата на дрвата како и канделабри, рефлектори за осветлување, но и бетонски и нови електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање на овој простор, кажа Шилегов.

Со тоа, како што посочи, ослободено е повеќе место за пешаците и велосипедистите преку целосно спречување за можноста за нелегално паркирање на овој простори и сериозно ограничување на возилата кои што ќе можат да ја користат или воопшто да не ја користат, она што порано беше познато како сервисна улица за возила.

– Кејот има доволно простор за сите негови корисници, односно за граѓаните кои што можат да го користат за прошетки, за одмор и релаксација, па сѐ до бизнисите кои што тука постојат повеќе децении, со цел да угостителската традиција во Скопје, продолжи во најпозитивен можен правец, дополни градоначалникот.

Со реконструкцијата, терасите кои што ги користат угостителските објекти сега се унифицирани, со исти димензии, организирани, на начин со кој што може да дојде до израз изгледот на кеј „13 Ноември“.

– Се радувам што конечно градот Скопје успева да воспостави ред на хаосот на кејот „13 Ноември“ и долгогодинишните непрописно паркирани возила, повеќе да ги нема на овој простор кој што е наменет исклучиво за граѓаните, пешаците и велосипедистите, истакна Шилегов кој одговарајќи на новинарско прашање посочи дека во овој момент ниту едно возило нема добиено дозвола за движење по овој кеј и тоа не очекува да се случи.

Како што кажа, во најлошата варијанта не можеме да зборуваме за повеќе од 20 возила дневно кои што ќе можат да се обраќаат вкупно еден час наутро и еден час попладне. Дотурот на роба, дополни Шилегов, ќе се врши преку Градскиот Трговски Центар бидејќи, како што рече, рестораните се дел од економскиот оператор на ГТЦ.

Отворањето на новиот Кеј беше проследено со настап на Градскиот дувачки оркестар, како и одржување на изложба на отворено „Сигналитика на централното подрачје на Скопје“.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на градот Скопје Луке Галески во изјава вели дека забетонираните дрва на Шилегов на Кејот 13 Ноември се само едната страна од приказната, другата вистина која е многу подлабока е практично самиот тендер, или материјалот кој се употребува, нивниот квалитет, како и цените од самиот договор кој речиси достигнува 1.5 милион евра за неколку стотина метри поплочување, што отвора прилично многу сомнежи.

Пукаат плочките, но институциите треба да проверат дали пука и цената на партерните плочки кој се полочуваат, а која доколки се направи едноставно истражување ќе се види дека е за неколку пати поголема од таа која се продава на пазарот, вели Галески.

Инаку во тендерската документација стои дека плочките се околу 4 700 денари за квадратен метар, додека на пазарот поскапите плочки се продаваат за цена од 10 евра за метар квадратен. Оттука се поставува прашањето за огромната разлика во цените од 10 евра пазарна вредност до над 70 евра метар квадратен колку што е цената на плочките на кејот.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/07/2021 04:22