По повеќемесечно криминалистичко истражување, под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во текот на денешниот ден Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Одделот за специјални полициски операции спроведоа координирана полициска акција за сузбивање на повеќечлена организирана криминална група, при што се лишени од слобода 12 лица.
– Во текот на денешната акција постапувајќи по Наредби за претреси во дом и други простории издадени од Судија за претходна постапка, извршени се претреси на вкупно 20 локации во Скопје и притоа се одземени материјални докази што ќе бидат испратени на вештачење. Од слобода се лишени 12 лица од 19 до 47 години меѓу кои и една жена и еден полициски службеник, а се трага по три лица кои во моментов се недостапни за органите на прогонот, информираа од ОЈО.
Од Обвинителство посочија дека според прибраните и документирани докази во текот на истражувањето е утврдено дека групата е формирана со цел стекнување на противправна имотна корист, има строго утврдена хиерархија и структура и се занимава со продажба на наркотична дрога и оружје.
– Членовите на групата подолг временски период извршуваат кривични дела „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ од член 215 и „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи” предвидено и казниво по член 396 од Кривичниот законик, соопштија од Јавното обвинителство.
Од Обинителство наведоа дека надлежниот јавен обвинител по добиената кривична пријава ќе донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против лицата.
– Воедно ценејќи дека се исполнети условите за одредување на мерката притвор, ќе му предложи на Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје истата да ја определи за сите осомничени лица, додаваат од обвинителството