Припадниците од Вториот баталјон од касарната Јане Сандански од Штип од рано утрото активно се вклучени во гаснење на пожарот во близина на шумскиот појс помеѓу општините Делчево и Пехчево кај селото Пасјак. Кире Цоневски соработник за превенција заштита и спасување при Општинa Делчево информираше дека покрај армијата и екипи на Територијалните противпожарни единици од регионот, во гаснењето се вклучени и делчевските Просторни сили.

-Во моментот се одвиваат активности за локализирање на пожарот кај Пасјак. Зафатена е поголема површина, припадници на армијата се на терен, заедно со противпожарната единица од Делчево и М.Каменица, Јавното комунално претпријатие и просторните сили во Делчево. Доколку има потреба од воздухоплови испратено е барање до Дирекцијата за заштита и спасување и армијата и тие ќе дејствуваат согласно законски пропишаните мерки, информриа Цоневски.

Тој ја потврди информацијата дека синоќа во координација со делчевскиот градоначалник и Итната помош е извршена евакуација на немоќното население од селото Пасјак.

-Со нив е се во ред, тие со возило на Брзата помош се пренесени кај свои роднини и пријатели во Делчево, додаде Цоневски.

По пристигнувањето на армијата во селото е помирно, велат жителите.

-Во пожарот изгоре паша за стоката, армијата пристигна во 4 30 и сме благодарни што помагаат и што од Шумско стопанство „Голак“ пуштија една машина „теге“ да се оспособат патиштата. Активен е пожарот, најверојатно е големо пространство во површина, сигурно е во радиус од околу 5 километри, вели Љупчо Пановски, жител на селото.

-Малку е смирено не е баш како што беше, луѓето што се неподвижни ги пренесоа во Делчево, овде е војската, тука се луѓето да гасат, така што моментално е мирно, вели Благој Николов.

Според Иван Митковски од село Пасјак, зафатена е цела Средна планина, гори борова шума и смрека, точна површина не се знае но според него зафатена е поголема површина

Пожарот во Пасјак избувна вчера околу пладне, а поради ветрот неконтролирано се ширеше на повеќе места. Според дел од припадниците на граничната полиција кои исто така се на терен пожарот има зафатено делови од шумата во близина на врвот Бејаз Тепе кај селото Разловци.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/08/2021 13:27