Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 29-годишен скопјанец за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода и од судот побара да му одреди мерка притвор.
-На 30 јули околу 1 часот по полноќ, на улицата „Алија Авдовиќ“ во Скопје, осомничениот управувал патничко моторно возило Ауди А3 со скопски регистарски ознаки, но без важечка сообраќајна дозвола. Кога се приближил до крстосница која не е регулирана со сообраќајни знаци, не ја приспособил брзината на возилото на условите на патот и не возел со зголемена претпазливост, па со предниот лев страничен дел од возилото удрил во пешакот Азем Асипи. Од ударот, оштетениот се добил со телесни повреди, а осомничениот наместо да му укаже помош, веднаш го напуштил местото на настанот. Повредениот со возило на итна медицинска помош бил пренесен во Ургентниот центар, каде и покрај укажаната лекарска помош им подлегнал на повредите еден час подоцна. Во периодот од случување на сообраќајната несреќа до неговото пронаоѓање и лишување од слобода, осомничениот го променил ветробранското стакло на автомобилот и го измил возилото за да ги прикрие трагите, инфомираат од Јавното обвинителство.
Оттаму појаснуваат дека имајќи го предвид однесувањето на осомничениот по настанот, јавниот обвинител оценил оти јасно постои опасност тој да се крие и да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притовр за осомниченото лице.