Либанскиот претседател, Мишел Аун, денеска изјави дека синоќешните израелски воздушни напади , први од 2006 година, го покажаа засилувањето на агресивните намери на Тел Авив кон неговата земја.

Во објава на Твитер, Аун, исто така, кажа дека нападите се директна закана за безбедноста и стабилноста на јужен Либан и дека се во судир со Резолуцијата на Советот за безбедност, пренесуваат британските медиуми.

Израелската армија денеска потврди дека нејзините авиони погодиле лансирни позиции за ракетите на Хезболах во Либан, како одговор на проектилите истрелани од либанска територија кон Израел.

„Како одговор на ракетниот напад, борбените авиони ги погодија местата за лансирање и инфраструктурата што се користат за тероризам во Либан од каде што беа истрелани ракетите, како и дополнителни цели во областа што претходно се користеа за лансирање ракети“, соопшти израелската армија.

Израелскиот министер за одбрана, Бени Ганц, кажа дека целта на нападот е да се испрати порака и дека е јасно дека е ограничен, но дека се надева дека нема да има потреба од поголем удар.

Телевизијата на либанското шиитско движење Хезболах -Ал Манар соопшти дека израелските воени авиони извршиле два напада врз предградијата на либанскиот град Махмуди, на околу 12 километри од израелската граница.

Вчера беа истрелани три ракети од Либан кон израелска територија, а израелската армија возврати со артилериски оган, но нема информации за штета или евентуални жртви, како и преземање на одговорноста за ракетниот напад врз Израел, извршен од јужен Либан, каде дејствува шиитското движење Хезболах.

Границата меѓу двете земји е во голема мера мирна откако Израел започна војна против Хезболах во 2006 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/08/2021 16:00