Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица, двајца македонски и еден албански државјанин, осомничени за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори согласно член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Како што информира ОЈО, осомничениот 38-годишен странски државјанин во Република Албанија набавил поголемо количество наркотична дрога – марихуана, ја внел во земјава и ја скрил во стан во Гостивар. На 6 август двајцата осомничени жители на Скопје, на возраст од 28 и 32 години, како соизвршители договориле купување на 1.990 грама марихуана од првоосомничениот, со цел потоа истата да ја препродадат на наркозависници. Притоа договориле на првоосомничениот да му исплатат сума од 2.500 евра. При обид да ја извршат размената биле забележани од полициски службеници, дрогата им била пронајдена и одземена, а тие биле лишени од слобода. При претрес во станот во Гостивар во кој престојувал првоосомничениот биле пронајдени уште 31.880 грама марихуана.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени за кои постои опасност да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци и да ги прикриваат трагите за кривичното дело, како и да го повторат делото.​



Автор: Администратор
Објавено на: 08/08/2021 15:01