Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција информираше дека се уште не е пронајдена жената за која се тврдеше дека изгорела во пожар во Старо Нагоричане.

– Се уште не. Немаме одговор дали жената е побегната и каде се наоѓа. Ќе почекаме истрагата да го каже последниот збор. Тоа е засега единствената потенцијална жртва. Ние изразуваме сочувство до сопругот и до семејството на жената доколку е почината. Но, некако одвнатре се надеваме дека е жива и дека успеала да побегне од огнената стихија, рече Ангелов, одговарајќи на новинарско прашање дали е жената пронајдена.

Директорот на ЦУК упати апел до граѓаните особено да бидат внималтени при ракување со алат којшто искри.

– Сечењето на железо може да фрли искра што може да предизвика пожар со трагични последици. Жиците за кои апелиравме до ЕВН и МЕПСО, зависи во чија надлежност се, онаму каде што може да се затегнат. Ние не сакаме нив да ги обвиниме за неодоговорност, едноставно жешкото време прави жиците да се продолжат за неколку сантиметри, а ветерот кој што постојано дува придонесува тие да се допрат и да летаат искри кои потоа ја палат сувата трева. Значи превенцијата е најбитнот фактор. Ако некој пожар сме спечиле, ние однапред сме ја завршиле работата. По настанувањето на пожарот работите се комплицираат, истакна Ангелов.

Тој наведе дека сите граѓани се дел од системот за управување со кризи и се должни кога ќе наидат на мал оган да го изгаснат без при тоа самите себе си да се изложуваат на опасност.

Околу тоа, од каде доаѓа помошта за справување со пожарите Ангелов рече дека неколку дена дејствувале хеликоптерите од Србија, за кои претпоставуваат дека се упатиле кон Атина.

– Деновиве дејствува и романски авион кој има многу голема носивост и што дејствува со таканаречени водни бомби. Се уште проценуваме какви се резултатите од неговото користење, но факт е дека помага и тоа многу. Но, носечкиот товар падна врз армиските хеликоптери. Посебна благодарност до сите припадници на Армијата, особено до пилотите кои го ризикуваат нивниот живот, особено на овие високи температури за да помогнат да се изгнасат пожарите. Противпожарни служби во овој момент имаме од Австрија и од Словенија, а тимот од Бугарија замина поради проблеми кај нив дома. Посебна благодарност до сите овие држави, посочи Ангелов.

Тој информираше дека доколку дојде до ескалација стојат на располагање и НАТО и ЕУ механизми, преку кои може итно да се добие и дополнителна помош.

– Во овој момент оваа помош е доволна за да можеме да се справиме со кризата, бидејќи треба да водиме сметка дека гори насекаде, потенцираше Агелов.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/08/2021 19:04