Во книжарниците на Издавачкиот центар Три пристигна најпознатата книга од Морис Леблан „Авантурите на Арсен Лупен, крадецот џентлмен“ која го означува почетокот на една нова несекојдневна едиција насловена како „Безвременски“.

„Безвременски“, како што посочуваат од Три, ќе ги шири книгите кои важат за основа на целата книжевност – класични дела од истакнати автори, нивните најпознати, но и помалку познати книги кои е време да блеснат во квалитетно издание на македонската книжевна сцена. Целта на едицијата е класиците да бидат широко достапни во изданија какви што заслужуваат, со добри преводи и со модерен дизајн. Не случајно едицијата започнува со книга која важи за најславна меѓу крими-романите, книга која за првпат се објавува во превод на македонски јазик.

Други наслови што се планираат во рамки на едицијата „Безвременски“ и кои наскоро следуваат се „Големиот Гетсби“ од Френсис Скот Фицџералд, „Сликата на Доријан Греј“ од Оскар Вајлд, „Записи од подземјето“ од Фјодор Достоевски, „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По. Ова е првиот бран класици, но оваа едиција и понатаму ќе се шири.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/08/2021 15:06