Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска ги отфрли критиките за законите за сопственост на медиумите и за враќање на имотот, што синоќа ги усвои полскиот Парламент, откако САД, еден од најважните сојузници на Варшава, ги критикуваше законите.

Предлог -законот, со кој се заострува забраната за компаниите надвор од Европскиот економски простор да ги контролираат полските телевизии, беше усвоен со 228 гласови „за“, 216 „против“ и 10 воздржани, на вчерашната бурна седница на полскиот Парламент.

Опозицијата соопшти дека целта на законот е да се удри врз информативната телевизија ТВН24, што е во сопственост на американската медиумска група Дискавери инк, и е критична кон десничарската националистичка влада.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека Вашингтон е „длабоко загрижен“ од донесувањето на законот за кој рече дека е насочен против најгледаната независна телевизија во Полска, исто така и една од најголемите американски инвестиции во земјата.

Премиер Моравјецки ги отфрли критиките на Блинкен.

-Немаме намери во врска со одреден ТВ канал, туку само сакаме да ги заостриме прописите за да нема ситуација компании надвор од Европската унија да купуваат медиуми во Полска, изјави тој на прес -конференција.

Блинкен, исто така, ја повика Полска да се откаже од законот што се очекува да им отежне на Евреите да го вратат имотот киднапиран од германските окупатори за време на Холокаустот, кој повоената комунистичка Полска не им го врати на сопствениците.

Моравјецки вели дека законот само ја имплементира одлуката на Уставниот суд од 2015 година, со која мора да се одреди датум по кој не може да се оспорат погрешните административни одлуки.

-Тоа нема никаква врска со стравовите на нашите американски пријатели за нас, рече тој.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/08/2021 15:59