Нов дел од Ѕидот на римскиот император Хадријан, беше откриен за време на работа на водоводна мрежа во Њукасл, Англија. Ѕидот стар 1.900 години е пронајден под прометна улица недалеку од центарот на градот, соопшти комуналното претпријатие „Нортамбријан вотер“.
Ѕидот на Хадријан е камена бариера, долга 120 километри што ја претставувала северната граница на Римската Империја. Завршен е во 128 година н.е., за време на владетелот Хадријан.
Новооткриениот дел од Ѕидот е долг околу три метри, и е направен од големи камени блокови. Ова укажува на фактот дека е создаден на почетокот на градбата, бидејќи деловите на ѕидот што датираат од подоцнежните фази биле направени од помали камења. Археолошкиот наод ќе биде заштитен, а водоводната мрежа ќе биде пренасочена.