Таложењето килограми во средовечноста им е познато на многумина, но заедничкиот изговор е – забавување на метаболизмот. Но, според новите истражувања, големиот стомак во средната возраст најверојатно се должи на животниот стил, навиките за вежбање и начинот на исхрана. Тоа е објавено во списанието „Сајенс“.

Меѓународен тим истражувачи, предводен од Универзитетот Дјук во Дурам,Северна Каролина, САД, ја анализираа брзината на метаболизмот на една личност во текот на нејзиниот живот. Податоците покажаа дека кога ќе се роди бебе, тоа корист иста количина енергија како и возрасен имајќи ја предвид разликата во големината и масата на телото, пропорционално. Меѓутоа, метаболизмот речиси веднаш станува за 50 отсто побрз кога детето ќе наполни една година.

– Нешто се случува во клетките на бебето што го прави поактивно, а ние сѐ уште не знаеме какви се тие процеси, рече Херман Понцер, еден од авторите на трудот и вонреден професор по еволутивна антропологија на Универзитетот Дјук.

Ова интензивно темпо продолжува сѐ додека детето не наполни две години, но потоа забавува за околу три отсто годишно. Постепениот пад продолжува до зрелоста и се стабилизира на околу 20 години.

Потоа, меѓу 20-тата и 60-тата година, метаболизмот останува стабилен. Спротивно на она што многу луѓе го мислат – метаболизмот не забавува така „одеднаш“ во 30-тите до 50-тите години од животот. Според новите наоди, брзината на метаболизмот опаѓа дури околу 60-та година.

Во испитувањата учествувале повеќе од 6.600 луѓе од 29 земји, со возраст од една недела до 95 години. Учесниците пиеле специјална вода која се состоела од „тешки“ изотопи на водород и кислород што може да се следат за да се види колку брзо се исфрлаат од телото. Ова им овозможува на научниците прецизно да ја проценат метаболичката брзина на една личност земајќи ја предвид енергијата потрошена од сите телесни процеси, од дишење и варење на храната до вежбање и шетање куче.

Оваа техника е испробана и проверена, а децениските податоци од различни институции се собрани за трудот, исто така.

– Сѐ ова укажува дека метаболизмот на ткивата и работата на клетките се менуваат во текот на животот, на начини што досега не сме ги процениле целосно, нагласи д-р Понцер.

Д-р Тимоти Роудс, од одделот за медицина при Универзитетот Висконсин-Медисон, не бил вклучен во истражувањата, но напиша осврт на новите наоди, со д-р Розалин Андерсон од истиот универзитет.

„Се смета дека падот по 60-годишна возраст ја одразува промената на метаболизмот специфичен за ткивата, т.е. енергијата потрошена за одржување“, пишуваат тие. – „Не може да биде случајно што зголемувањето на инциденцата на незаразните болести и нарушувања се појавува во истата временска рамка“.

Незаразните болести се состојби што не можат да се пренесат од едно на друго лице, како што се мозочни удари, срцеви заболувања, дијабетес и деменција. Тие стануваат почести со возраста и сочинуваат околу 70 насто од сите смртни случаи, според Светската здравствена организација.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/08/2021 15:29