Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 34-годишен жител на селото Дебреште, кој е осомничен за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

На 16 август, во раните утрински часови, според известувањето на ОЈО Прилеп, со намера противправно да присвои туѓи подвижни предмети, осомничениот се заканил дека непосредно ќе нападне врз животот и телото на друг и со употреба на огнено оружје одзел златни предмети и парични средства.

– Тој најпрвин насилно ја отворил влезната врата од семејна куќа во Дебреште, влегол внатре и преку внатрешните скали се упатил на вториот кат. Со употреба на сила ја отворил вратата од спалната соба која била заклучена и во која спиела една жена. Од звукот на кршењето на вратата оштетената се разбудила, а осомничениот ѝ вперил пиштол со закана дека ќе ја убие ако не му го даде златото. Веднаш потоа тој започнал да пребарува низ собата и од наткасната одзел три златни прстени и една белезица, а од новчаникот кој стоел на наткасната одзел 1.100 денари и 20 швајцарски франци, велат од ОЈО Прилеп.

– Кога излегувал од куќата осомничениот бил пресретнат од друга оштетена која исто така била присутна и го слушнала дека влегол во куќата, но излегла надвор за да побара помош. Осомничениот и нејзе ѝ се заканил со пиштолот, а потоа избегал, информираат од прилепското обвинителство.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат дека осомничениот би можел да се даде во бегство, да влијае врз сведоците/оштетените или да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Прилеп достави предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифати предлогот и со решение на осомничениот му определи притвор во траење до 30 дена.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/08/2021 19:00