Тетовската полиција открила дека две женски лица не ги почитувале решенијата за изолација да бидат и дома и заминале во угостителски објекти. Тие се откриени вчера во рамки на редовните контроли за почитувањето на решенијата од Државен санитарен и здравствен инспекторат за изолација дома.

– Било утврдено дека две женски лица од Тетово на возраст од 20 и 51 година, со решенија за изолација, при контролата не се наоѓале во нивниoт дом, туку во угостителски објект, додека едно машко лице од тетовска Мала Речица на возраст од 27 години ја напуштило земјата. И против овие лица ќе бидат поднесени соодветни поднесоци за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“ согласно член 206 од Кривичниот законик, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Секторот за внатрешни работи Тетово со апел до граѓаните од поширокиот Полошки регион целосно да ги почитуваат решенијата за изолација издадени од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и да не го доведуваат во прашање, не само сопственото, туку и здравјeто на другите граѓани.

– Доколку граѓаните позитивни на „ковид-19“ самоволно, на своја рака ги напуштат домовите и не бидат затекнати во истите при контролите кои секојдневно ги спроведуваат полициските службеници на СВР Тетово, против нив ќе следуваат поднесоци за „ пренесување заразна болест“ или за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, зависно од конкретните случаи, околности и крајните последици.За овие две кривични дела, согласно членовите 205 и 206 од Кривичниот законик, предвидени се парични или затворски казни од 1 до 10 години, потенцира портпаролот Јосифоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/08/2021 05:15