Македонските земјоделци уште ја чекаат помошта ветена од Владата во рамки на петтиот ковид пакет. Бараат итна исплата, за која се сомневаат дека ќе биде изведена за предизборен поткуп.

-Бараме на првата седница која ќе ја свикате во Собранието да го изгласате тој фамозен Петти пакет, бидејќи тие средства нам ни се потребни веднаш и сега. А секое друго одложување ќе го сметаме како вршење притисок и начин за поткуп за изборите кои следат, апелираат тие.

Координаторот на новоформираните тутунски здруженија, Игор Мирчески, за Алфа коментира дека состојбата е повеќе од очајна. Дотолку повеќе што последното невреме уништило 80 проценти од плодот кај голем дел од нив.

-Во оваа реколта трпиме огромни штети од неповолните временски услови, настанати од сушата и од врнежите од град каде во некои реони, родот на тутунопроизводителите и земјоделците им е уништен и преку 80 проценти. Исто така, бараме и вклучување на тутунарите и сточарите во мерката „зелена нафта“, бидејќи, ако сте заборавиле и ние нивите ги обработуваме со трактори и друга механизација, реагираат од Здружението на новоформираните тутунски здруженија.

Се заканија со повторно излегување на улица ако и овие барања бидат изигнорирани.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/08/2021 05:15