Универзитетот Американ колеџ – Скопје донесе одлука наставата во есенскиот семестар од учебната 2021/2022 година да се реализира со физичко присуство, врз основа на најдобрите европски и американски образовни стандарди и следејќи ги, како што информира, глобалните текови во врска со светската пандемија и постигнувањата на медицинско и научно ниво,

– По анализа на состојбата на Универзитетот и имајќи ја предвид наставата во предавална како суштинска за врвно образование на идните генерации, УАКС заклучи дека условите за безбедна настава во своите простории се исполнети. Со оглед на можноста за настава во помали групи, со помал број студенти, големите простории, како и вакциналниот статус на кадарот, оваа есен УАКС ги очекува своите студенти назад во предавална, информира УАКС.

Соопшти дека професорскиот и административниот кадар е целосно вакциниран, а со цел што поголема заштита на здравјето за сите на УАКС, ќе бидат применети безбедносни мерки и протоколи. Студентите кои се вакцинирани треба да достават сертификат за вакцинација,

– Невакцинираните студенти треба да донесат еден од следните документи спроведени во официјална лабораторија по сопствен избор: Real time PCR тест за КОВИД-19 (валиден еден месец), брз антигенски тест за КОВИД-19 (валиден еден месец) и КОВИД-19 IgG тест за антитела (валиден шест месеци). УАКС прави напори да обезбеди попусти за групно антигенско тестирање, со тоа што трошоците за тестирањето ќе бидат делумно покриени од страна на Универзитетот, наведува УАКС.

Дополнително, Универзитетот останува целосно да ги следи антиковид-протоколите од септември 2020, а тоа значи во предавална ќе има најмногу 35 студенти, поголемите групи ќе бидат поделени, сите предавални имаат заштитни прегради со цел обезбедување физичка дистанца, задолжително носење маски, проветрување и дезинфекција на предавалните со УВ-ламба по секое предавање.

– УАКС остава простор за хибридна или онлајн-настава со синхронизирана видеоконференција за: предмети што ги предаваат професори од странство, предмети за кои се смета дека е посоодветно да се одвиваат онлајн или хибридно, по одлука на декан на факултетот; некои предмети од постдипломски студии, соопштува Американ колеџ.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/08/2021 17:28