Има позитивен развој на билатералните односи помеѓу двете држави и можности за натамошно унапредување, беше констатирано на денешната средба во Скопје меѓу министерот за економија Крешник Бектеши и новоименуваниот амбасадор на Јапонија во земјава, Хиронори Савада.

Министерот Бектеши, информираат од неговиот кабинет, ја нагласи важноста од продолжување и интензивирање на заемната соработка на сите полиња, особено зајакнувањето на билатералната трговија и зголемувањето на јапонските инвестиции во земјата.

Тој го информираше амбасадорот Савада за мерките кои што ги презема Владата во изминатиот период за поддршка на економијата во справување со негативните последици предизвикани од пандемијата, при што истакна дека во наредниот период засилено ќе се работи во реализација на инвестиции во делот на инфраструктурата и енергетиката, посебно во делот на гасификацијата, како и обновливите извори на енергија.

-Работиме на развивање на економијата и создавање на услови за нејзин раст и развој по смирувањето на пандемијата, но и сите негативни страни да ги искористиме како можности во периодот кој следи. Посветени сме во поддршка на работниците и целокупната економија, но и привлекување на инвестиции. За нас од голема важност е соработката со земји како Јапонија со која имаме голем неискористен потенцијал во делот на трговската размена, кажа министерот Бектеши.

На средбата се најавени заложби за поголем број инвестиции од јапонски компании во земјава. Изразена е определба од Јапонија и за силна поддршка во делот на економијата и социјалата.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/08/2021 16:04