Ако првите три дена од рестриктивните мерки, угостителите регистрираа околу 30-50 проценти пад на прометот, денеска велат веќе стигнал до 70 отсто. Од Независната угостителска комора се децидни дека овој пат, рестриктивните мерки ќе стават клуч на врата на голем дел од локалите, засекогаш.
-Владата ја постигна целта, успеа да направи поделба на граѓаните, успеа да направи поделба дури и на угостителите со тоа што одредени угостители ги постави повторно во повластена положба во однос на другите. Очигледно е дека во хаосот што се случува, некој друг подобро се снаоѓа отколку граѓаните и угостителите. Објектот каде јас сум сопственик, уште од прв ден кога стапи на сила мерката, јасно и гласно кажавме дека немаме намера да вршиме селекција на гости и нема да воведуваме редарски служби за да ја проверуваме медицинската состојба на гостите, вели претседателот на НУК, Здравско Јосифовски, за Алфа.
Тој вели НУК ги поддржува струмичките угостители, кои денеска не го стартуваа најавениот двочасовен протест и блокади, одложувајќи го за после неколку дена. Причините за ваквиот став , за сега, се непознати.