Со средства обезбедени преку Проектот за поврзување на локални улици и патишта денеска завршува реконструкцијата на улицата „Париска“ во населбата Тафталиџе 1 во општина Карпош.
За оваа улица инвестирани се осум милиони денари, а реконструиран е коловозот и поставени се сливници со цел да нема проблеми при врнежите од дожд.
– Се работи за реконструкција на коловозот на 5.700 метри квадратни. Граѓаните реагираа за условно кажано пролонгирањето на работите, меѓутоа успеавме заедно со службите и со Министерството за транспорт и врски да завршиме и со комплетно поставување на сливници и да се завршат сите прекопи на приватните компании кои ги имаа како потреба се со цел улицата да биде комплетно корисна и да не треба повторно да се прекопува и да нема проблеми при врнежи од дожд, изјави градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, кој денеска заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изврши увид во градежните активности.
Преку проектот за поврзување локални улици и патишта досега реконструирани се над 60 километри локални улици и патишта. Потпишани се меморандуми за соработка со над 30 општини низ државата, вклучувајќи и неколку општини од Град Скопје. Вкупните инвестиции во главниот град изнесуваат над 70 милиони денари.
– Со овој проект опфатени се многу улици во Скопје меѓу кои улицата „Рајко Жинзифов“ во општина Кисела Вода каде инвестираме 16 милиони денари, во општина Шуто Оризари девет милиони денари, а во Град Скопје наскоро ќе започне реконструкцијата на булеварот „Киро Глигоров“ со инвестиција вредна повеќе од 23 милиони денари. Исто така во општина Ѓорче Петров вложуваме 12 милиони денари, изјави министерот Бочварски.