Почнува со градба клучката кај крстосницата меѓу булеварот „Словенија“ и „Качанички пат“ во Скопје. Вкупната инвестиција изнесува околу 550 милиони денари, а ќе се почне со средства од ребалансот на буџетот на државата обезбедени од Владата, во износ од два милиона евра. Според надлежните, оваа изградба ќе означува живот и за двете страни на градот и за стопанствениците, а ќе нуди и подобри услови за самите жители.
– Почнува постапката за избор на најповолен понудувач за изградба на клучката кај булеварот „Словенија“. Булеварот е всушност продолжение на клучката на Момин Поток. Го решаваме ова тесно грло кое што се наоѓа сега на поранешна европска магистрала, сега булевар „Хасан Приштина“, и ова значи дека со истата постапка ние почнуваме со градба на два нови булевара. Едниот е булеварот „Хасан Приштина“ низ индустриската зона Визбегово, до обиколницата на Град Скопје и вториот е продолжението на булевар „Словенија“, што ќе оди до Волково и се вклучува на обиколницата на западниот влез на градот, рече градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.
Тој денеска присуствуваше на отпочнувањето на градежните активности, и порача дека очекува по завршувањето на целиот процес, заедно со булеварите кои се во фаза на проектирање на градот, да имаме сосема еден поинаков вид и сосема уреден и нов инфраструктурно поткрепен северен влез на градот од обиколницата кон Скопје.
Според проценките, целокупниот проект од подвозникот низ зоната до обиколница ќе чини шест милиони евра.
-Станува збор за еден голем градежен објект. До надвозникот тука одиме со шест ленти, внатре во зоната влегуваме со четири ленти. Во фаза е проектирањето на тој дел, изведбата на булеварот заедо со експропријација каде што таму треба да биде извршена, зборуваме за бучевар со четири ленти, велосипедски патеки, зеленило, низ зоната, треба да чини некаде околу шест милиони евра според нашите проценки, додаде Шилегов.
Тој посочи дека целокупиот концепт за развој на градот е да се создаде визија за Скопје во следниве 30, 40 години.
-Оваа клучка која се спојува со Момин Поток и која всушност продолжува со два икрака на булеварот Словенија и булевар Хасан Приштина се спојува со мостот што го почнавме пред некој ден во Карпош 4 и излегува на Волково. Тоа е цела една визија. Некаде до 2024 година се ова што го зборувам во смисла на развиена инфраструктура и до обиколница пркеу Визбегово и до обиколница преку Волково со мостови преку Лепенец граѓаните ќе можат во целост да го уживаат благодетот, додаде скопскиот градоначалник.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби кој денеска учествуваше во почетокот на градежните работи на клучката, посочи дека за овој проект и булеварот „Хасан Приштина“ се договориле за две минути и веднаш ги обезбедиле средствата од државниот буџет со годинашниот ребаланс.
-Уште посреќен сум што можеме да придонесеме за градење на поинаква скопска приказна, подобро Скопје за сите нас, истакна Груби.
Според него, придонесот даден за изградба на булевари, мостови и паркови е разлика што создава еднаквост, а не поделба.
– Изградба на оваа клучка ќе означува живот за двете страни на градот, за стопанствениците и подбри услови за самите жители на Скопје, порача Груби.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, нагласи дека реализација на оваа клучка е од многу големо значење.
-Реализација на оваа клучка за Визбегово е многу клучна и секако го покажува на дело нашиот парнтерски однос со стопанството и со самите граѓани, затоа што сметаме дека добра инфраструктура значи и добра поврзаност. Добра поврзаност значи соработка, а соработката значи развој, рече Битиќи кој денеска присуствуваше на изведувањето на граджените активности.
Тој посочи дека граѓаните ќе добијат најсовремено ифнраструктурно патно решение со уредени пешачки и велосипедски патеки.
-Се гради како никогаш досега, се посветува внимание на вистинските потреби на граѓани, додаде Вицепремиерот.