Вкупните средства на останатите финансиски институции (ОФИ), во вториот квартал на 2021 година, изнесуваат 152.572 милиони денари и се повисоки за 6,363 милиони денари на квартална основа. Структурно гледано, најголемо учество од 65,2 отсто во средствата на ОФИ имаат пензиските фондови, а по нив следуваат осигурителните друштва, со учество од 18,9 отсто, информира Народна банка (НБ).

-Од аспект на финансиските инструменти, во структурата на средствата на ОФИ најзначајни се – вложувањата во должнички хартии од вредност со учество од 49,1 отсто, по што следуваат вложувањата во сопственички хартии од вредност со учество од 24,6 и во валути и депозити со учество од 12,5 отсто. На страна на обврските, најголем дел им припаѓа на техничките резерви на осигурување и капиталните сметки со учество од 56,2 и 35,3 отсто, порачуваат од НБ.

Во вториот квартал, истакнуваат, продолжи трендот на раст на вкупните средства на ОФИ кои остварија зголемување на квартална и годишна основа од 4,4 и 16,8 отсто.

-Средствата на пензиските фондови се главниот двигател на кварталниот и годишниот раст на вкупните средства на ОФИ, при дополнителен придонес и на останатите потсектори на ОФИ, велат од НБ.

Кварталниот и годишен раст на средствата на ОФИ, анализирано по инструменти, додаваат, во најголем дел произлегува од зголемените вложувања во должнички и сопственички хартии од вредност. На страната на обврските, главен двигател на растот на квартална и годишна основа се капиталните сметки и техничките резерви на осигурување.

-Во вториот квартал средствата на пензиските фондови (задолжителни и доброволни) се зголемени за 4,8 и 21,9 отсто на квартално и годишно ниво. Гледано по инструменти, растот на квартална и годишна основа во поголем дел е резултат на повисоките вложувања во должнички хартии од вредност, при позитивен придонес и на вложувањата во сопственички хартии од вредност, а во услови на забележан пад кај валутите и депозитите. На страната на обврските, растот по двете основи е одраз на зголемените технички резерви и капиталните сметки, коишто имаат речиси еднаков придонес, прецизираат од НБ.

Посочуваат дека на крајот на јуни 2021 година, кај вкупните средства на осигурителните друштва е остварен квартален и годишен раст од 4,3 и 5,4 отсто, главно поради вложувањата во должнички хартии од вредност. Кон кварталниот раст, прецизираат, дополнително придонесоа и останатите побарувања и техничките резерви на осигурување, додека кон годишниот раст позитивен придонес имаат и сопственичките хартии од вредност. На страната на обврските, главен носител на кварталниот раст се техничките резерви на осигурување, при помал позитивен придонес и на капиталните сметки, додека годишниот раст пред сѐ е резултат на техничките резерви на осигурување.

-Вкупните средства на инвестициските фондови бележат квартален раст од 4,4 отсто, со доминантен придонес кон растот на вложувањата во сопственички хартии од вредност. Годишната стапка на раст изнесува 5,2 отсто и главно произлегува од зголемените вложувања во сопственички и должнички хартии од вредност, во услови на намалени валути и депозити. На страната на обврските, кварталниот и годишниот раст во целост произлегува од зголемувањето кај капиталните сметки, нагласуваат од НБ.

Овој квартал, вкупните средства на другите ОФИ забележаа квартална и годишна нагорна промена од 1,6 и 17,5 отсто.

-На крајот на јуни 2021 година, кредитната активност на финансиските и друштвата за лизинг изнесува 10.030 милиони денари и забележа раст од 3,3 отсто на квартална основа. Кварталниот раст во поголем дел произлегува од зголеменото кредитирање на друштвата за лизинг, при раст и на кредитите одобрени од финансиските друштва. Годишниот раст од 23,5 отсто, пред сѐ се должи на зголеменото кредитирање на финансиските друштва. Кај обврските, растот на квартална основа во најголем дел се должи на зголемените капитални сметки, додека годишниот раст покрај растот кај капиталните сметки се должи и на растот на зголемените обврски врз основа на кредити, истакнуваат од НБ.

Во останатите финансиски институции се вклучени: инвестициските фондови, пензиските фондови, осигурителните друштва, друштвата за управување со инвестициските фондови и друштвата за управување со пензиските фондови, финансиските друштва и друштвата даватели на финансиски лизинг.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/08/2021 16:44