Летувалиштето Ада Бојана, во иднина најверојатно ќе биде достапно само за нудисти, пренесува црногорскиот весник „Вијести“. Тоа го најави Бојан Ѓаконовиќ, директор на Улцињската ривиера, во чии рамки се наоѓа туристичката населба.

– Ќе видиме што ќе биде, но веројатно нема да има повеќе место на плажата за никого, освен за нудисти, истакна Ѓаконовиќ.

Работници викендов ја тргнале оградата што ја делеше плажата повеќе од 20 години – на поголем дел за нудисти, и помал – за „облечени“ капачи. Така, се чини, по две децении Ада ќе им биде вратена на оние за кои беше првично отворена – голите посетители.

Ада Бојана е речен остров, на самиот крај на улцињската Велика Плажа, на местото каде што реката Бојана се одделува од неа. Островот беше домаќин на првите туристи во 1973 година, кога германската туристичка агенција „Мирамаре“, која се занимаваше исклучиво со „натуристички туризам“, вложи околу половина милион марки за изградба на таканаречени „црни вили“, со околу 100 легла. Наскоро се појавија и „белите вили“ и автомобилски камп, со капацитет до 1.500 туристи.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/09/2021 15:43