На 13.09.2021 полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, ОВР Гостивар и ОВР Дебар спроведоа координирана акција, при што се лишени од слобода четири лица и запленети околу 20 килограми марихуана, со вредност од околу 70.000 евра, и три возила. Полициски службеници од ОВР Дебар кај Бошков мост се обиделе да сопрат патничко моторно возило „голф“ со скопски регистерски ознаки поради сомнение дека во возилото има дрога, но возачот не застанал и се дал во бегство, а по преземени мерки и активности во близина на Скудрински мост пронајдено е возилото и приведен А.И. (32) од с. Никуштак. Во возилото се пронајдени две големи торби со 20 пакувања марихуана.

Во координација со надлежен јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, на магистралниот пат Дебар-Гостивар сопрено е патничко моторно возило „рено лагуна“ со германски регистерски ознаки, кое имало улога на „чистач“ при транспортот, при што се лишени од слобода возачот Б.Џ. (45) од с.Арачиново и Б.А. (34) од с. Арачиново, кој се барал и со потерница за претходно сторено кривично дело. На 14.09.2021 во врска со овој случај, во Дебар е лишен од слобода и У.Н. (28) од с. Бањишта. Извршени се и претреси и притоа се пронајдени поголема сума на пари, мобилни телефони и сим картички, а одземени се и три возила. Против лицата ќе биде поднесена кривична пријава по чл. 215 став 3 од Кривичниот закон и ќе бидат изнесени пред надлежен судија.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/09/2021 16:42